Рекорден раст на струјата од обновливи извори и историски скок на фотонапонските централи

Рекорден раст на струјата од обновливи извори и историски скок на фотонапонските централи

Најновиот годишен извештај на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за 2025 година потврдува дека македонскиот енергетски сектор поминува низ суштинска трансформација, со забележителен раст на производството од обновливи извори од 11,43% во споредба со претходната година

Иако вкупното производство на електрична енергија во земјата останува стабилно на ниво од 6.123 GWh, структурата на изворите драстично се менува. Ветерните електроцентрали бележат најголем поединечен пораст од дури 32,5%, додека фотонапонските централи за прв пат во историјата произведоа повеќе струја отколку комбинираните централи. Овие инвестиции доведоа до тоа обновливите извори сега да учествуваат со речиси 60% во вкупниот инсталиран капацитет во државата.

Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, истакна дека 2025 година е клучна и поради практичното воведување на батериите за складирање на енергија. Со измени на седум лиценци, веќе се интегрирани складишта со моќност од 7,1 MW, што овозможува вишокот енергија да се чува и користи кога потрошувачката е највисока. Според Ристов, ова не само што ја забрзува енергетската транзиција, туку директно ќе влијае врз намалување на вкупните трошоци во системот.

На пазарот на електрична енергија владее зголемена конкуренција со дури 21 активен снабдувач, што носи подобри услови за крајните потрошувачи. Берзанското тргување исто така бележи скок од 41%, додека државата активно работи на интеграција со регионалните пазари во Југоисточна Европа преку назначувањето на операторот НЕМО и соработката со европските регулаторни тела.

Асоцијација (03 јуни 2026)