Технолошкиот гигант Microsoft започна масовен бран на отпуштања со кој се укинуваат околу 4.800 работни места, што претставува 2,1% од вкупната работна сила на компанијата на глобално ниво. Одлуката беше соопштена преку официјално писмо од шефицата за човечки ресурси, Amy Coleman, која појасни дека компанијата мора брзо да се прилагоди бидејќи целата индустрија се менува со голема брзина.
Најголемиот дел од овие кратења се случуваат во секторот за комерцијална продажба и во гејминг дивизијата Xbox. Иако раководството нагласи дека овие луѓе не се директно заменети со вештачка интелигенција, тие признаа дека автоматизацијата на процесите веќе наголемо го менува начинот на работа во компанијата и дека приоритетите за инвестирање сега се насочени кон градење на нови големи компјутерски центри.
Главниот удар и најдраматичните промени се случуваат во гејминг брендот Xbox, каде новата директорка Asha Sharma најави укинување на дури 3.200 позиции. Оваа бројка претставува дури 20% од вкупниот број вработени во Xbox секторот. Околу 1.600 луѓе ги губат своите работни места веднаш, додека останатите кратења ќе се реализираат етапно во следните месеци.
Директорката Asha Sharma отворено призна пред вработените дека нивниот бизнис моментално „не е добар“ и дека профитните маржи им се од три до десет пати помали во споредба со нивните главни конкуренти (како Sony PlayStation). Како главна причина се наведува тешката криза со хардверот, односно преголемите трошоци за производство на конзоли и пребавниот раст на бројот на претплатници на нивната услуга Game Pass.
Како дел од ова радикално реструктуирање, Microsoft донесе одлука целосно да се откаже од четири познати студија за развој на видеоигри. Студијата Compulsion Games и Double Fine Productions повторно стануваат независни и си ги задржуваат правата за своите игри, додека Ninja Theory и Undead Labs се префрлаат под капата на нови сопственици кои ќе ги финансираат нивните понатамошни проекти.
Од компанијата уверуваат дека ниту една веќе најавена игра нема да биде откажана, но кратењата ќе ги погодат сите нивни големи тимови, вклучувајќи ги и неодамна купените Activision, Blizzard и Bethesda. За да се намалат трошоците, целосно се укинуваат и непотребните шефови – менаџерските слоеви во компанијата се кратат од досегашните 14 на максимум 5 нивоа, а трошоците за надворешни соработници и добавувачи се намалуваат за половина.

