Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека рокот за аплицирање за финансиска поддршка за набавка на котел на гас или за куќен приклучок на природен гас се продолжува до 31 октомври 2026 година. Измената на Програмата за поттикнување за снабдување со гас во домаќинствата за 2026 година веќе е официјално објавена во „Службен весник“.
Со оваа одлука, граѓаните кои планираат да инвестираат во поекономично и поеколошко греење добиваат дополнително време за да обезбедат поврат на средствата до 70 проценти од направените трошоци, но не повеќе од 30.000 денари по домаќинство. За реализација на оваа мерка од буџетот се издвоени вкупно 3 милиони денари, а распределбата ќе се врши по принципот „прв дојден – прв услужен“ сè додека целосно не се исцрпат предвидените средства.
Правото на аплицирање опфаќа две групи на корисници: домаќинства кои во текот на 2026 година ќе реализираат куќен приклучок на дистрибутивниот систем за природен гас, како и оние кои ќе купат котел на гас за објект што веќе имал активен приклучок заклучно со 1 јануари 2026 година.
Секое домаќинство има право да поднесе само едно барање, а деталните услови се достапни на веб-страницата на министерството (www.energy.gov.mk). По истекот на крајниот рок во октомври, формирана комисија ќе ги евалуира апликациите, по што ќе следува исплатата на финансиската поддршка на граѓаните кои ги исполнуваат критериумите.

