Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска официјално поднесе барање до пратениците во Собранието за итно зголемување на минималната плата. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, повика на вонреден раст на минималната плата на 500 евра, со цел да се овозможи исплата на повисоки плати веќе од август 2025 година.
Трендафилов потенцираше дека ова барање е оправдано, неопходно и базирано на споредбите со другите земји во регионот и Европската Унија. Според него, Македонија е во ризик да има најниско платени работници, а истовремено највисоко платени функционери во споредба со останатите земји.
„Бараме Собранието на Македонија и пратениците веднаш да пристапат кон законска процедура и да го прифатат предлогот на работниците“, истакна Трендафилов.
Од ССМ очекуваат пратениците да покажат одговорност и да го прифатат предлогот, со што ќе се овозможи не само зголемување на минималната плата, туку и на сите останати плати кои се поврзани со нејзиниот раст. Трендафилов ја заврши изјавата со директна порака до пратениците: „Да видиме кој е за, а кој е против работниците!“