Жителите на Кавадарци наскоро ќе добијат современ дом за стари лица, откако денеска беше потпишан договор меѓу Општина Кавадарци и Министерството за труд и социјална политика.
Договорот за изградба на јавна општинска установа за вонсемејна социјална заштита на стари лица го потпишаа претседателот на Советот на Општина Кавадарци, д-р Стојанчо Рамов и министерот Фатмир Лимани.
Според договорот, објектот ќе биде во сопственост на општината, додека стопанисувањето ќе биде заедничко со Министерството за труд и социјална политика. По потпишувањето на договорот, Министерството треба да спроведе тендерска постапка, по што ќе започнат градежните активности.
Новиот дом ќе има капацитет од 55 легла, а просториите ќе бидат современо уредени и опремени за достоинствен живот на корисниците. Локацијата се наоѓа во близина на споменикот на Киро Крстев, веднаш до паркот и Службата за итна медицинска помош, што обезбедува лесен пристап и мирна околина.
Цената за престој ќе биде регулирана од надлежното министерство, со минимален надомест кој ќе обезбеди еднаков пристап за сите пензионери. Овој проект е дел од локалната стратегија на општината за унапредување на грижата за постарата популација, а неговата изработка е целосно дело на општинските служби.