Минимален раст на инфлацијата во јули: Транспортот поскап за 4,4 проценти, храната поевтини

Минимален раст на инфлацијата во јули: Транспортот поскап за 4,4 проценти, храната поевтини
Сподели:

Инфлацијата во Македонија забележа минимален раст во минатиот месец. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во јули, во однос на јуни, изнесува 0,1 процент.

На годишно ниво, односно во споредба со јули 2025 година, трошоците на животот бележат зголемување од 2,3 проценти, додека индексот на цените на мало е зголемен за 1,8 проценти. Индексот на цените на мало во јули споредено со јуни изнесува 101,3.

Најголем скок кај транспортот, храната со пад на цените

Анализата по групи покажува дека најголем влијателен фактор за месечниот раст на трошоците биле транспортот и летните одмори. Во групата транспорт е забележано зголемување од 4,4 проценти, а кај рекреацијата, спортот и културата растот изнесува 2,6 проценти. Помал раст е забележан и кај домувањето, водата, струјата и гасот за 0,9 проценти, рестораните и сместувањето за 0,7 проценти, образованието за 0,3 проценти, како и кај алкохолните пијалаци и тутунот за 0,1 процент.

Од друга страна, зачувувањето на стабилноста на инфлацијата во јули главно се должи на падот на цените на основните прехранбени производи. Трошоците во групата храна и безалкохолни пијалаци бележат намалување од 1,1 процент. Пад на цените има и кај покуќнината и опремата за домаќинства за 1,4 проценти, облеката и обувките за 0,2 проценти, а кај комуникациите и здравствената заштита е забележано намалување од по 0,1 процент. Трошоците за финансиски услуги и лична нега останаа на исто ниво.