Подната фонтана на главниот градски плоштад, која со години не беше во функција поради долгогодишна негрижа, наскоро повторно ќе блесне во полн сјај. Како што информираше градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на терен се врши темелна реконструкција и трајно санирање на целиот систем.
Во рамки на градежните и техничките активности се заменува комплетната подконструкција. Досегашните пластични носачи кои држеа масивни бетонски плочи од по 100 килограми се заменуваат со нова, цврста конструкција изработена од иноксни профили. Ова ново инженерско решение е проектирано за значително поголеми механички оптоварувања, со што трајно се осигурува стабилноста и безбедноста на фонтаната.
Паралелно се врши и сервисирање на техничкиот дел, каде што е инсталирана специјализирана автоматизирана опрема произведена во Германија за прецизно управување со водените млазови.
Покрај комплетната ревитализација на подната фонтана, овие денови на терен се врши и замена на оштетените подни плочки на целиот потег кон Порта „Македонија“. Со овој зафат, централното градско подрачје на Скопје конечно треба да добие уреден, функционален и достоинствен лик.

