Куманово доби пет комунални возила, најавени и нови електрични автобуси

Куманово доби пет комунални возила, најавени и нови електрични автобуси
Сподели:

Општина Куманово доби пет специјализирани возила за одржување на комуналната хигиена, обезбедени преку Министерството за транспорт во соработка со Светска банка. На примопредавањето на возилата присуствуваа заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Набавката опфаќа две мултифункционални возила со посебен механизам за подигнување смет, еден камион-прскалка за перење улици и транспорт на техничка вода во кризни ситуации, како и две возила за метење на тротоарите, плоштадите и јавните површини. Николоски посочи дека по Скопје, Куманово добива најголем број возила од оваа донација како најголема општина во државата.

Покрај комуналната опрема, министерот најави дека за брзо време во Куманово ќе пристигнат и нови електрични автобуси за јавниот превоз. Преку првите два повика за поддршка на општините за Куманово се обезбедени 242 односно 328 милиони денари, додека преку буџетот на Министерството за транспорт се инвестира околу еден милион евра за изградба на нов мост, капела и реконструкција на локални улици.