Олеснети условите за кредитирање: Грејс-периодот за откуп на вранецот се зголемува на 18 месеци

Олеснети условите за кредитирање: Грејс-периодот за откуп на вранецот се зголемува на 18 месеци
Сподели:

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство подготви пакет-мерки насочени кон интензивирање на откупот на винското грозје од сортата вранец, заштита на сточниот фонд, олеснување на условите за субвенции и проверка на пазарните практики. Како што соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, мерките се утврдени по директни консултации со полјоделците, сточарите, откупувачите и преработувачите.

За поддршка на ликвидноста на винарските визби, на следната владина седница ќе биде предложена измена на Одлуката за користење на средствата од компензационите фондови. Преку Развојната банка е обезбедена кредитната линија од 793,48 милиони денари (околу 12,9 милиони евра), од кои 553,48 милиони денари се наменети за откуп на вранец, а 240 милиони денари за оризова арпа.

Условите за користење на овие средства ќе бидат олеснети со зголемување на грејс-периодот од три на 18 месеци, по што следуваат дополнителни 18 месеци за отплата со фиксна каматна стапка од еден процент, а како залог ќе може да се користи и произведеното вино.

Во делот на финансиската поддршка, досега се исплатени 948,78 милиони денари (околу 15,4 милиони евра) на 30.389 корисници. Поради неповолните временски услови и отежнатиот пласман, Министерството ќе предложи укинување на условот за најмалку 30 проценти продадено или предадено производство за остварување право на субвенции во лозарството, овоштарството и поледелството.

Во однос на ветеринарното здравје, болеста сипаници кај овците е потврдена во вкупно 64 жаришта, од кои 50 се во Источниот, седум во Североисточниот, шест во Вардарскиот и едно во Скопскиот регион. Министерот апелираше сточарите да не користат заделена опрема без дезинфекција, истакнувајќи го стрижењето со недезинфицирани ножици како еден од главните ризици. Иако се преземаат активности за обезбедување вакцини преку Европската комисија, Турција и ФАО, одлуката за нивна примена ќе зависи исклучиво од стручна епидемиолошка проценка.

Поради состојбите со откупот на пиперката, оризовата арпа и вранецот, Министерството оваа недела ќе достави иницијатива до Комисијата за заштита на конкуренцијата. Преку оваа постапка ќе се испитува дали постојат индиции за недозволено усогласување меѓу откупувачите, злоупотреба на пазарна моќ или нефер трговски практики, со цел да се спречи неоснованото префрлање на пазарниот ризик врз производителите.