Царинската управа заплени над 1.000 часовници поради сомневање за фалсификат

Царинската управа заплени над 1.000 часовници поради сомневање за фалсификат

Дури 1.158 парчиња часовници со потпис на заштитени трговски марки „Ролекс“, „Бос“, „Армани“ и „Томи Хилфигер“ се запленети при контрола на стока пријавена за транзит на граничниот премин Богородица. Случајот е откриен од мобилен царински тим, кој поради сомневање изврши детален преглед, при што се пронајдени часовници чија пријавена вредност согласно фактура издадена од фирма од Кина изнесува 60.852 денари. Поради основано сомневање за повреда на право од интелектуална сопственост, стоката е задржана, при што е започната постапка за утврдување на оригиналноста на производите.

Царинските службеници на граничните премини и мобилните царински тимови годинава заклучно со септември открија 63 случаи на повреда на право од интелектуална сопственост, при што се запленети речиси 78 илјади производи со потпис на познати трговски марки. Од нив, во 37 случаи веќе е утврдено дека станува збор за фалсификати на вкупно 27.329 производи.

„Годинава заклучно септември откривме 63 случаи на повреда на право од интелектуална сопственост, што е за над 40 проценти раст во однос на минатата година кога во овој период, се откриени 44 случаи на повреда на право од интелектуална сопственост. Половина од случаите, или точно 32 случаи, годинава се откриени од нашите мобилни царински тимови. Овие резултати јасно ги потврдуваат нашите напори во борбата против трговија со фалсификати,“ - истакна директорот Бобан Николовски.

Еден од главните приоритети на Царинската управа е унапредување на институционалните капацитети за ефикасна и ефективна борба против фалсификатите преку воведување на зајакнати мерки на царинска контрола за откривање и спречување на увоз, транзит и извоз на стоки кои го повредуваат правото од интелектуална сопственост, како и преку зголемена соработка со носителите на ова право и нивните застапници во Македонија.

Царинската управа заплени над 1.000 часовници поради сомневање за фалсификат