Чекор поблиску до отворањето: Поставени топлотните пумпи на новиот затворен базен во Кавадарци

Чекор поблиску до отворањето: Поставени топлотните пумпи на новиот затворен базен во Кавадарци

Затворениот базен во Кавадарци навлегува во финалната фаза од опремувањето со поставување на клучните системи кои ќе ја обезбедат неговата целосна функционалност. Градоначалникот Митко Јанчев информираше дека веќе се монтирани топлотните пумпи и се реализира инсталацијата на системите за греење, одржување на температурата и останатата техничка опрема потребна за современ спортски објект.

Објектот, кој се гради на локацијата на поранешната „Ла Луна“, е со димензии од 25 на 9 метри и длабочина од 1,20 метри. По завршувањето на градежните и техничките работи, затворениот базен ќе овозможи услови за пливање, спорт и рекреација во текот на целата година, пред сè за учениците од основните и средните општински училишта, но и за сите останати граѓани.

Изградбата на овој современ спортско-рекреативен комплекс, кој во својот состав содржи и спа-центар, се реализира со финансиска поддршка од Министерството за спорт во вредност од 100,5 милиони денари.

Проектот има за цел да обезбеди нова спортска инфраструктура во Кавадарци и да го унапреди развојот на пливачкиот спорт и рекреацијата во општината.