Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во септември остана на исто ниво во споредба со август. Споредено со септември минатата година), индексот на трошоците на животот бележи зголемување од 2,7%, додека индексот на цените на мало бележи годишен раст од 1,7%.
Индексот на цените на мало во септември, во однос на август, изнесува 98,7 што укажува на соодветно месечно намалување во оваа категорија.
Анализирано по категории, во септември во однос на август е забележано намалување на трошоците на животот кај четири групи: рекреација, спорт и култура за 3,7%, транспорт за 3,4%, ресторани и услуги за сместување за 0,3% и информации и комуникации за 0,1%.
Од друга страна, зголемување на трошоците е евидентирано кај поголем број категории. Покуќнината, опремата за домаќинствата и редовното одржување бележат раст од 1,3%, додека храната и безалкохолните пијалаци, како и личната нега, социјалната заштита и разновидните стоки и услуги се поскапени за 0,5%. Услугите за образование бележат зголемување од 0,4%, облеката и обувките за 0,3%, здравствената заштита, домувањето, водата, струјата, гасот и другите горива за 0,2%, а кај алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците е забележан раст од 0,1%.
Трошоците на животот во групата осигурување и финансиски услуги остануваат непроменети во споредба со претходниот месец.

