МВР спроведе акциска контрола на возила за јавен превоз: Констатирани 92 неправилности за пет часа

МВР спроведе акциска контрола на возила за јавен превоз: Констатирани 92 неправилности за пет часа

Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи на 6 октомври, во периодот од 8:00 до 13:00 часот, спроведе засилена акциска контрола над автобуси и други возила за јавен превоз на патници на територијата на целата држава. При контролата биле прегледани вкупно 405 возила, при што кај 92 од нив беа констатирани неправилности.

Во рамки на акцијата, 170 возила се упатени на вонреден технички преглед, додека 34 возила се целосно исклучени од сообраќај поради утврдени технички неисправности.

Покрај исклучувањата од сообраќај, полициските службеници поднесоа и три кривични пријави согласно член 297-а од Кривичниот законик, а едно возило беше одземено согласно член 300-б.

За сите констатирани неправилности се преземени соодветни законски мерки, при што се регистрирани и дополнителни 239 прекршоци од друг вид. Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека продолжуваат со ваквите зајакнати контроли со цел подигнување на нивото на безбедност во јавниот превоз.