Во центарот на Скопје во тек се градежни и хортикултурни активности за целосно обновување на паркот Жена парк-„Борец“. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информираше дека реконструкцијата има за цел да му даде нов и уреден изглед на овој значаен јавен простор во срцето на градот, каде што зеленилото, спомените и историјата се среќаваат.
Проектот опфаќа комплетна замена на постојните подни плочки и пешачки патеки со нови мермерни површини, кои треба да обезбедат поголема издржливост и поблагороден естетски изглед соодветен на местоположбата и значењето на паркот.
Покрај градежните работи на патеките, паркот се опремува со реставрирана урбана опрема, а предвидено е и дополнително хортикултурно уредување за збогатување на зеленилото.
Како дел од претходните активности на оваа локација, во функција повторно е ставен и Вечниот оган кај фонтаната, кој подолг период во минатото беше надвор од употреба. Во фокусот остануваат обновувањето и редовното одржување на постојните, како и подигнувањето нови зелени површини, со цел да се обезбедат подобри услови за одмор, прошетки и дружење на сите граѓани.

