Помалку од 48 часа откако ја презеде функцијата градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски објави значаен позитивен напредок во решавањето на транспортната криза во градот.
По одржана средба со приватните превозници, градоначалникот најави дека со заедничка волја и добра координација е постигнат договор кој веднаш дава видливи резултати.
Веќе од понеделник, низ скопските улици повторно ќе сообраќаат 55 автобуси, што претставува сериозен исчекор кон стабилизирање на јавниот линиски превоз.
Ѓорѓиевски најави и дека овој позитивен тренд ќе продолжи, со цел целосна нормализација на превозот: „До Нова Година во системот ќе бидат вклучени уште 20 автобуси, со што јавниот превоз ќе биде целосно нормализиран“, изјави градоначалникот.
Но, плановите за надминување на сообраќајниот хаос се многу поамбициозни. Градоначалникот истакна дека ова не е крајот на мерките: „До март, во соработка со Владата на Република Македонија и Министерството за транспорт, ќе обезбедиме уште 80 нови автобуси“.
Овие потези, како што нагласи Ѓорѓиевски, се само почеток на циклус на трајно решавање на проблемите со сообраќајот во Скопје, кој ќе биде поддржан и од веќе започнатата прва фаза на ремонт на Градскиот воз и долгорочниот проект за БРТ (Брз Автобуски Превоз).