Полициски службеници од ОВР Кавадарци вчера, на 6 ноември 2025 година, извршија апсење на две лица поради сомнение за сторено кривично дело „лихварство“ по член 260 од Кривичниот законик. Станува збор за Н.С. (59) и неговиот син Р.С. (34), двајцата од Кавадарци.
Според информациите од МВР, случајот датира од јуни 2023 година, кога 71-годишен маж од Неготино позајмил од осомничените околу 80.000 денари.
Договорот предвидувал враќање на заемот со неделни рати од по 20.000 денари. Меѓутоа, бидејќи заемопримачот не успеал да ги отплати ратите на време, двајцата осомничени започнале со континуирано пресметување на непропорционално високи камати, со што постојано го зголемувале долгот.
За првично позајмените 80.000 денари, оштетениот во периодот на задолжувањето на осомничениот Н.С. му исплатил вкупна сума која надминува 700.000 денари.
По добиена судска наредба, извршен е и претрес во домот на уапсените, при што пронајдени се предмети за кои постои основано сомнение дека се директно поврзани со извршувањето на кривичното дело. Јавниот обвинител е известен за настанот, а по целосното документирање на случајот, на Н.С. и Р.С. ќе им биде поднесена соодветна кривична пријава.