Премиерот Христијан Мицкоски денеска направи увид во градежните работи поврзани со проектот градски воз. На увидот присуствуваа и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, директорот на ЈП „Железници инфраструктура“ Синиша Ивановски и новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Првата фаза веќе е започната и опфаќа целосен ремонт на траса долга околу 25 километри. Оваа делница започнува од Зелениково, поминува низ станиците Јане Сандански и Драчево, продолжува кон Лисиче и завршува на главната железничка станица во Скопје (Транспортен Центар). На оваа траса се предвидени вкупно седум железнички станици.
Директорот на ЈП „Железници инфраструктура“, Синиша Ивановски истакна дека патниците од најодалечената станица во Зелениково до центарот на градот ќе патуваат за околу 25 минути, додека патувањето од Драчево ќе трае од 11 до 13 минути.
Финансиската рамка за оваа прва фаза, која опфаќа 24,5 километри изнесува 5,7 милиони евра. Се очекува да биде завршена за шест месеци, по што следува испитување на трасата, а градскиот воз ќе биде целосно во функција до мај или јуни следната година.
За 2026 година е планирано завршување на проектирањето за втората фаза и почеток на реконструкцијата. Линијата ќе започне од Волково, преку Ѓорче Петров и Скопје Север, се до централната железничка станица.
Во однос на третата фаза, планирана за периодот 2026-2027 година, ќе ја поврзе околината со центарот преку станиците Миладиновци и Илинден, исто така завршувајќи на централната железничка станица во Скопје.