Во периодот од 23 октомври до 5 ноември 2026 година, на армискиот полигон „Криволак“ и во Центарот за обука „Пепелиште“ се реализираше заедничка обука и вежби меѓу припадниците на Првиот пешадиски баталјон од составот на Првата пешадиска бригада на Армијата и припадници на Вооружените сили на Италија. Активностите се спроведени во согласност со Планот за билатерална соработка меѓу двете земји.
Целта на обуката е размената на искуства, унапредувањето на практичните знаења и зголемувањето на нивото на интероперабилност меѓу двете членки на НАТО. Вежбите овозможија тестирање на капацитетите на армискиот полигон „Криволак“ за изведување сложени воени вежби од поголем обем.
За време на обуката, припадниците на двете армии изведуваа низа синхронизирани тактички задачи со цел постигнување повисок степен на оперативна усогласеност при заедничко дејствување.
Здружените вежби финализираа со реализација на тактичка вежба со командирско гаѓање со чета на тема „Засилена пешадиска чета во напад“, со што успешно беа потврдени стандардите за здружено тактичко дејствување.

