Инфлацијата во мај порасна за 0,6%, на годишно ниво трошоците повисоки за 4,8%

Инфлацијата во мај порасна за 0,6%, на годишно ниво трошоците повисоки за 4,8%

Трошоците за живот во Македонија продолжија да растат и во текот на минатиот месец. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците за живот во мај, во споредба со претходниот месец, бележи раст од 0,6 проценти.

Гледано по сектори, најсериозен скок на трошоците во мај е регистриран кај транспортот, каде што цените се зголемиле за 1,6 проценти. На удар на граѓаните беа и основните потреби, па така во групите за облека и обувки, како и за храна и безалкохолни пијалаци, е забележан раст од 1 процент. Статистичарите измерија повисоки трошоци и кај рекреацијата, спортот и културата за 0,9 проценти, информациите и комуникациите за 0,7 проценти, како и кај рестораните и услугите за сместување кои поскапеле за 0,5 проценти. Минимален раст од 0,1 процент има кај здравствената заштита и домувањето, каде што спаѓаат сметките за вода, струја, гас и други горива.

Од друга страна, мало опаѓање за буџетот на граѓаните има кај личната нега, социјалната заштита и разновидните стоки и услуги каде цените паднале за 0,4 проценти, како и кај покуќнината и опремата за домаќинства за симболични 0,1 процент. Цените на услугите за образование, осигурувањето, финансиските услуги, како и алкохолните пијалаци и тутунот останаа на исто ниво како и во април.

Најзагрижувачки е долгорочниот тренд, со оглед на тоа што индексот на трошоците за живот во мај 2026 година, во споредба со истиот месец лани, бележи зголемување од 4,8 проценти. Во истиот едногодишен период, индексот на цените на мало пораснале за 5,6 проценти.

Асоцијација (03 јуни 2026)