Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека вкупниот број на вработени лица во Македонија во 2025 година изнесувал 614.334 лица. Гледано според половата структура, од вкупниот број вработени, 330.240 се мажи, додека 284.094 се жени.
Споредено со претходната 2024 година, вкупниот број на вработени на пазарот на труд останал речиси непроменет, односно забележал минимално намалување од 0,1%. Оваа стабилност во вкупната бројка доаѓа како резултат на различните движења по одделни економски сектори.
Главниот фактор за благото намалување е падот на бројот на вработени во секторот Преработувачка индустрија, каде што е регистрирано намалување од 5,2%. Од друга страна, пак, позитивни трендови и зголемување на бројот на вработените се забележани во секторот Објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 5,5%, како и во секторот Административни и помошни услужни дејности, каде што растот изнесува 3,3%.

