Полицијата вчера уапси две лица од гостиварското село Здуње, откако при претрес во нивните домови пронајде и заплени марихуана и други наркотични супстанци. Акцијата била спроведена по добиени судски наредби.
Во полицискиот билтен се наведува дека околу 12:10 часот, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Гостивар го лишиле од слобода 30-годишниот Ф.М., кај кого, при претрес, била пронајдена марихуана.
Истовремено, во истото село е уапсен и 31-годишниот Е.Џ. Во неговиот дом, полицијата пронашла поголема количина на дрога, меѓу која марихуана, грутка кафена материја и три паковки со бела прашкаста материја. Дополнително, при претресот била запленета и поголема сума на пари.
Двајцата осомничени се задржани во полициска станица. По целосно документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави за недозволена трговија со наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.