Пуштена во употреба реконструираната терминална зграда на аеродромот во Охрид: Само од јануари до јуни аеродромот има опслужено над 240 илјади патници

Пуштена во употреба реконструираната терминална зграда на аеродромот во Охрид: Само од јануари до јуни аеродромот има опслужено над 240 илјади патници
Сподели:

На Денот на независноста, беше промовирана реконструираната терминална зграда со помошните простории на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, кои истакнаа дека со оваа инвестиција, реализирана во соработка со концесионерот ТАВ Аеродроми, аеродромот добива целосно нов, современ лик и повисок квалитет на услугите за патниците.

Министерот Николоски посочи дека терминалот се реконструира по точно 56 години, бидејќи последните поголеми интервенции биле направени во 1970 година. Тој нагласи дека паралелно се подобрува и патната инфраструктура, при што делот од автопатот од Охрид до аеродромот со новата клучка е веќе завршен и пуштен во употреба. Најтешката делница од автопатот Охрид-Кичево се очекува да се отвори во следните месеци, додека целосното отворање е предвидено за првото полугодие од следната година.

Премиерот Мицкоски истакна дека аеродромот претставува значајна алка за развој на економијата и туризмот во Охрид, Струга и целиот регион. Тој посочи дека оваа година се бележат историски рекорди во авиосообраќајот, со остварени над 3.000 патници во еден ден и повеќе од 20 полетувања дневно. Владата најави дополнителна поддршка за концесионерот со цел овие бројки дополнително да се зголемат во претстојниот период.

Новиот терминал е дизајниран во бела боја и содржи културно-историски елементи, меѓу кои се реставрираните мозаици од Плаошник и реплика на фреските од катедралната црква „Св. Софија“. Од почетокот на годината досега, преку охридскиот аеродром се опслужени над 240 илјади патници, а очекувањата се дека на ниво на целата држава вкупниот број патници до крајот на годината ќе достигне околу четири милиони.