Германското индустриско производство опадна за 4,3% во август

Германското индустриско производство опадна за 4,3% во август

Индустриското производство во Германија забележа остар пад во август, според прелиминарните податоци објавени од германскиот Завод за статистика (Destatis).

Производството е намалено за 4,3% на месечно ниво. Овој значителен пад доаѓа по ревидираното зголемување од 1,3% во јули 2025 година. Во споредба со август 2024 година, производството е пониско за 3,9%.

Најголемо намалување има кај автомобилската индустрија, најголемата индустриска гранка во Германија, каде производството опадна за 18,5% во однос на претходниот месец. Destatis делумно го објаснува ова нагло намалување во комбинација на годишни фабрички затворања поради одмори и промени во производството.

Исто така, значителено намалување има во следниве сектори:

- Производство на машини и опрема, каде има пад од 6,2% по силниот раст во јули.

- Фармацевтската индустрија има намалување од 10,3%.

- Производството на компјутерски, електронски и оптички производи има пад од 6,1%.

Тешката индустрија забележа благ пораст од 0,2% во август 2025 во споредба со јули 2025. Сепак, во тримесечната споредба (јуни до август 2025), производството во овие гранки е пониско за 2,7% во однос на претходните три месеци. Во градежништвото има мал пораст од 0,6%.