ССМ: Истражувањето на работодавачите потврдува дека висината на платата е главен мотиватор за работниците

ССМ: Истражувањето на работодавачите потврдува дека висината на платата е главен мотиватор за работниците

Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) ја презентираше студијата за состојбата на работната сила и социјалниот дијалог во секторот за водоснабдување, спроведена во рамките на проектот „Промовирање и зајакнување на социјалниот дијалог во секторот за води преку иновативни пристапи“ (ProSDinWater), финансиран од Европската Унија.

Истражувањето опфати четири земји – Македонија, Бугарија, Италија и Малта – и ја потврди потребата од поголема грижа за вработените, особено преку подобри плати и услови за работа.

Според податоците, 100% од анкетираните работодавачи и вработени ја издвоиле висината на платата како главен мотиватор при изборот и задржувањето на работно место. Ова, како што наведуваат и самите работодавачи, е јасен сигнал дека зголемувањето на платите е неопходно доколку компаниите сакаат да ги задржат квалитетните и квалификувани работници.

Дополнително, 69,3% од испитаниците сметаат дека социјалниот дијалог на секторско ниво придонесува кон подобри услови за работа, а 83,3% од вработените ја оценуваат ефективноста на социјалниот дијалог во компаниите како позитивна.

Истражувањето укажува и на други важни фактори кои влијаат на мотивацијата и продуктивноста на работниците – здравствената заштита и превенцијата (97%), безбедноста и техничката опременост на работното место (99%), како и потребата од континуирана обука, дигитализација и фер организација на работното време (96%).

ОРМ нагласува дека социјалниот дијалог и колективното преговарање во Македонија сè уште не се доволно искористени, иако се покажале како клучни механизми за спречување на социјални и синдикални конфликти и за создавање стабилна и мотивирана работна сила.

ССМ: Истражувањето на работодавачите потврдува дека висината на платата е главен мотиватор за работниците