Нова опрема и 33 мотоцикли „Piaggio Beverly“ за побезбедни патишта и поголема мобилност на полицијата

Нова опрема и 33 мотоцикли „Piaggio Beverly“ за побезбедни патишта и поголема мобилност на полицијата

Министерството за внатрешни работи (МВР) и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) денеска реализираа официјално предавање на 33 нови полициски мотоцикли од марката „Piaggio Beverly 310 HPE“ и комплетна заштитна опрема за потребите на сообраќајната полиција. Вкупната вредност на оваа набавка, обезбедена од средствата на РСБСП, изнесува 16.845.561 денари.

Набавената опрема вклучува заштитни кациги, јакни, панталони, чизми и ракавици, кои треба значително да ги подобрат работните услови, мобилноста и ефикасноста на полициските службеници при регулирањето на сообраќајот на патиштата ширум државата.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и претседателот на РСБСП, Горан Ангеловски, истакнаа дека оваа донација претставува конкретен резултат од меѓуинституционалната соработка насочена кон намалување на бројот на сообраќајни несреќи и зачувување на човечките животи.

Тошковски посочи дека модернизацијата на сообраќајната полиција се одвива паралелно со имплементацијата на проектот „Безбеден град“, кој преку употреба на современи технологии веќе покажува позитивни резултати во подобрувањето на сообраќајната култура. Од своја страна, Ангеловски потврди дека РСБСП и во иднина ќе продолжи со издвојување средства за опремување на сообраќајните единици на МВР.