Општина Кавадарци и Министерството за социјална политика, демографија и млади потпишаа договор за изградба на Јавна општинска установа за вонсемејна социјална заштита на стари лица. Градоначалникот Митко Јанчев информираше дека со овој чин проектот влегува во за завршна подготвителна фаза, а градежните активности на терен се очекува да започнат до крајот на овој месец.
Новиот дом за стари лица ќе се простира на вкупна површина од 3.365,1 квадратен метар и ќе располага со капацитет за сместување и грижа на 57 лица, со што значително ќе се унапредат условите за социјална заштита во општината.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 154.927.746 денари. Најголемиот дел од средствата, односно 149.489.782 денари, се обезбедени директно од Министерството за социјална политика, демографија и млади, додека Општина Кавадарци учествува со 5.437.963 денари обезбедени од општинскиот буџет.
Со реализацијата на овој капитален проект, Кавадарци за првпат добива современа установа од ваков тип, која треба да обезбеди подобри услови за нега, сигурност и достоинствен живот на постарите граѓани од Повардарието.

