Започна распределбата на картичките за зелена нафта: Обезбедени 9,5 милиони евра поддршка за 48.000 земјоделци

Започна распределбата на картичките за зелена нафта: Обезбедени 9,5 милиони евра поддршка за 48.000 земјоделци

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство започна со распределба на картичките за зелена нафта за 2026 година, за кои се обезбедени вкупно 9,5 милиони евра државна помош. За поддршка на земјоделците при обработката на површините и подготовката за есенската сеидба подготвени се вкупно 48.037 картички кои од денеска им се достапни на корисниците ширум државата.

Министерот Борче Серафимовски на средба со земјоделците во Битола лично ги врачи првите картички за зелена нафта. За земјоделците опфатени преку битолското подрачно одделение обезбедени се 3.858 картички, чија вкупна вредност надминува 57,5 милиони денари.

Оваа финансиска помош е дел од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година и има за цел директно намалување на трошоците за гориво за механизацијата во периодот кога земјоделците имаат најголеми вложувања за семенски материјал и ѓубрива.

Висината на поддршката се движи од 3.200 до 12.000 денари по хектар, во зависност од земјоделската култура. Поединечниот износ за секој корисник е утврден врз основа на пријавените површини и култури во барањата за директни плаќања од претходната година.