Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) алармира за економската состојба, предупредувајќи дека граѓаните тонат во сиромаштија поради драматичната разлика меѓу постојаниот раст на цените и стагнацијата на платите. На годишно ниво инфлацијата изнесува 4,5 проценти, но цените на храната и основните производи продолжуваат силно да го исцрпуваат семејниот буџет.
Во споредба со октомври лани, цените на храната и безалкохолните пијалаци се зголемени за 7 проценти. Најголем удар има кај овошјето со скок од 21%, месото и маслото се поскапи за речиси 10%, лебот и житариците за 5,5%, а кафето, чајот и какаото – дури за 26%.
Синдикалната минимална кошница за октомври достигнала 65.544 денари, што е зголемување од 7% во однос на истиот месец минатата година (61.249,00 денари), или за 4.295,00 денари повеќе, но без реално зголемување на платите оваа бројка е само уште еден доказ дека граѓаните тонат во сиромаштија.
Од ССМ порачуваат дека „Крајно време е надлежните да сфатат дека со оваа скапотија тешко се живее! Работниците се исцрпени, платите не стигнуваат ниту за основни потреби. Наместо да бидеме пример во регионот, остануваме на дното!“.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, потенцира дека државата ризикува да биде на опашката во регионот: „Мислам дека можевме да бидеме лидери во регионот со зголемување на плати, веројатно ќе бидеме на опашката, бидејќи сите најавија драстично зголемување и на минималната и на сите останати плати во регионот“.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, најави дека се бара ново, повисоко ниво на минимална плата: „Владата мора да се соочи со реалноста и да ја натера бизнис-заедницата да ги зголеми платите. И во јавниот и во приватниот сектор! Нашето барање за 500 евра минимална плата веќе е застарено – ќе излеземе со ново, повисоко барање кое ќе одговара на реалните трошоци на животот.“