Заедничките гранични контроли преку системот „One Stop“ веќе успешно се применуваат на граничните премини со Србија и Косово, а со неодамнешното потпишување на договорот со Република Албанија се заокружува процесот на воспоставување на овој современ модел со сите соседи кои не се дел од Шенген зоната. Со ова Македонија станува една од првите земји во регионот што воведува заеднички гранични проверки од ваков тип со сите соседни држави надвор од Шенген.
Имплементацијата на овој систем на граѓаните им овозможува само едно застанување, една заедничка гранична контрола и значително пократко време на чекање. Од друга страна, државите добиваат поефикасно управување со границите, поголема безбедност, како и поттик за трговијата, туризмот и регионалната поврзаност. Првите конкретни резултати се веќе видливи на граничниот премин Табановце, каде и покрај тоа што ова лето бројот на патници е зголемен за 15 до 20 проценти, времето на чекање е значително намалено.
Истиот ефикасен модел веќе функционира и на преминот Блаце-Елез Хан, а со пуштањето во употреба на системот на Јажинце-Глобочица целосно е заокружена имплементацијата на заедничките контроли со Република Косово. Потпишаниот договор со Албанија е следниот важен чекор што ќе овозможи брзо воспоставување на истиот концепт и на западната граница.
Од Министерството за внатрешни работи нагласуваат дека ова не е само инфраструктурен или административен проект, туку долгорочна инвестиција во поголема мобилност на луѓето, посилна економска соработка и воведување на европски решенија кои директно го подобруваат секојдневниот живот на граѓаните.

