Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска официјално го потпиша решението за распишување на локалните избори, кои ќе се одржат на 19 октомври 2025 година. Тој нагласи дека одлуката е донесена согласно Уставот и законските прописи.
Како што истакна Гаши, решението веќе е доставено до надлежните институции за организирање и спроведување на изборите, од кои очекува максимална посветеност за чесен и демократски процес.
Во текот на изборната кампања, која ќе започне дваесет дена пред изборите, Собранието ќе продолжи со редовно административно функционирање, но нема да одржува пленарни седници. Според Гаши, оваа одлука е донесена за да се избегне злоупотребата на собраниската говорница за изборни цели и за да им се овозможи на пратениците целосно да се посветат на комуникацијата со граѓаните.
Претседателот на Собранието ги повика сите политички сили и кандидати да покажат висок степен на политичка култура. Тој апелираше да се избегнуваат притисоци, разделбен говор и злоупотреба на институциите и јавните ресурси. Гаши нагласи дека изборите треба да се фокусираат на реалните потреби на граѓаните и на конкретни решенија, а не на манипулации.
„Очекувам овој процес да биде доказ за нашата демократска зрелост, каде што се почитуваат правилата, преовладува достоинството и се одразува слободната волја на граѓаните, а не резултат на притисоци или на манипулации,“ изјави Гаши, додавајќи дека изборите се можност да се покажат европските вредности и стандарди.
Гаши им посака успех на сите кандидати и политички партии, со надеж дека кампањата ќе биде натпревар на идеи и визии за подобра иднина.