Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денес остро ги осуди, како што ги нарече, „квази синдикатите“ и ги обвини за соработка со власта и работодавците, за притисоци врз работниците и за попречување на зголемувањето на платите. Во своето обраќање, тој директно се осврна на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСС), тврдејќи дека тие се главниот виновник за застојот во покачувањето на платите во јавниот сектор.
Според Трендафилов, ССМ добил информации од работници дека „квази синдикатот“ САДУ, кој е дел од КСС, им се заканувал на вработените во име на владини и партиски функционери, пратеници, градоначалници и директори.
„Им се заканувале на работниците да се приклучат кон некој си квази синдикат САДУ, во КСС, со нечовечки притисоци, со закани, со уцени по работни места“, изјави Трендафилов.
Тој додаде дека ССМ има докази за ваквите состојби, вклучувајќи документи, комуникации, мејлови, па дури и фалсификувани пристапници и потписи на работници. Претседателот на ССМ ги обвини уценетите синдикалци дека работат против работничкото движење и правата на работниците со единствена цел - да не се зголемат платите.
Трендафилов го истакна ставот дека КСС е главниот виновник за тоа што нема зголемување на платите по Општиот колективен договор за јавен сектор од 12,6%, колку што е порастот на просечната плата. Тој потсети дека КСС, заедно со СОНК, ги „продале работниците во образованието“ за покачување од само 7%. Дополнително, претседателот на ССМ ја обвини КСС дека намерно го минирала протестот за 1-ви мај, со тоа што организирала коктел за функционери и тврдела дека нема потреба од протест бидејќи нема за што да се протестира.