Над 2.000 посетители во Археолошкиот музеј за Денот на независноста: Промовиран проектот „35 години - 35 предмети - 35 приказни“

Над 2.000 посетители во Археолошкиот музеј за Денот на независноста: Промовиран проектот „35 години - 35 предмети - 35 приказни“
Сподели:

Националниот археолошки музеј привлече повеќе од 2.000 домашни и странски посетители во рамки на специјалниот настан „35 години - 35 предмети - 35 приказни“, организиран по повод одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија. Музејските сали во текот на целиот ден беа исполнети со голем број семејства, млади луѓе и странски туристи кои имаа можност заедно со кустосите да ги истражуваат изложените артефакти означени со македонското знаме.

Во рамките на празничната програма беше промовиран и истоимениот каталог „35 години - 35 предмети - 35 приказни“. На промоцијата се обратија министерот за култура и туризам Седат Сулејмани и директорката на Националниот археолошки музеј Магдалена Манаскова, кои пред присутните гости и соработници ја образложија идејата зад изборот на овие 35 посебни предмети и го истакнаа значењето на археолошкото наследство во градењето на историската меморија и современиот идентитет.

Од раководството на музејот истакнаа дека изборот на овие 35 артефакти има за цел да потсети дека зад секој од илјадниците предмети во постојаната поставка стои приказна што го поврзува археолошкиот материјал со човечкиот живот низ вековите. Големата посетеност за празникот потврди дека публиката покажа исклучителен интерес за ваквиот интерактивен пристап кон културното наследство.