Кандидатот за градоначалник на Скопје и актуелен градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, вети дека општина Кисела Вода ќе добие нова, современа поликлиника во населбата Расадник, здравствен објект што ќе обезбеди полесен и побрз пристап до здравствени услуги за сите жители од овој дел на општината.
Со години, жителите на Кисела Вода се соочуваа со недостиг од ваква здравствена установа во својата непосредна близина, па за секој лекарски преглед беа принудени да патуваат до други делови на градот.
Обезбедена е градежна парцела за изградба на поликлиниката, а целосно е изработен и основниот проект, според кој новата зграда ќе се простира на површина од 1.780 квадратни метри и ќе има подрум, приземје и кат.
Објектот ќе биде лоциран спроти кафулињата, зад постојниот паркинг во Расадник, на централна и достапна локација за сите жители.
Во новата поликлиника ќе бидат сместени сите неопходни служби за современа здравствена заштита. На приземјето ќе има лабораторија, стоматолошка ординација, детски оддел, итна и дежурна служба, ортопедија и матични лекари, додека на катот ќе бидат интерна медицина, кожно, гинекологија и ординација за уво, нос и грло, заедно со административни простории.
Жителите на Кисела Вода ќе имаат брз и лесен пристап до лекари и специјалистички услуги, без потреба да патуваат во други делови на градот, а истовремено ќе придонесе за растоварување на постојните здравствени установи во Скопје.