Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данокот на додадена вредност (ДДВ) со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн нарачки во вредност до 22 евра, како дел од напорите за зајакнување на домашната економија и поддршка на локалните компании.
Министерството за финансии соопшти дека законските измени се веќе во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз работењето на домашните компании.
Главната цел на мерката е пренасочување на финансиските текови кон домашниот пазар. Според Министерството за финансии, прометот кон странските онлајн платформи во одредени периоди изнесува околу 4 милиони денари месечно. Со укинувањето на ослободувањето, овие средства ќе се пренасочат кон домашното стопанство, што се очекува да придонесе за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Министерството ја истакнува оваа мерка како значаен чекор во заштитата и поддршката на домашната економија, особено во контекст на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Покрај економската поддршка, измените се насочени и кон намалување на сивата економија. Како што наведува МФ, досегашниот систем овозможувал злоупотреби, односно увоз на стоки ослободени од данок кои потоа нелегално се продавале на домашниот пазар.