„Мариовски мед“ доби официјална заштита на потеклото: Осум пчелари од Мариово ги добија првите решенија

„Мариовски мед“ доби официјална заштита на потеклото: Осум пчелари од Мариово ги добија првите решенија

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, во Битола им врачи решенија за упис во Регистарот на корисници на географски ознаки на осум пчелари од Мариово. Со ова официјално се заштитува потеклото и називот на препознатливиот „Мариовски мед“, што претставува епилог на повеќе од десет години работа и истрајност на локалните пчеларски здруженија.

Доделувањето на решенијата се одржа за време на отворањето на 29. традиционална манифестација „Денови на македонското пчеларство“, во организација на Пчеларското здружение „Нектар“, кое годинава одбележува јубилеј од 90 години постоење.

Со стекнувањето на заштитената географска ознака, производителите добиваат право на користење на заштитениот назив, но и обврска да ги исполнуваат сите стандарди утврдени во одобрениот производствен елаборат. Овој механизам директно го штити брендот од евентуални злоупотреби на пазарот, истовремено гарантирајќи им на потрошувачите потврден квалитет и потекло при купувањето.

Од ресорното министерство истакнаа дека препознатливото потекло отвора нови можности за зголемување на вредноста на производот преку подобрено пакување, пласман во угостителскиот сектор и подобро поврзување со локалната понуда на руралниот туризам во регионот на Мариово.