Министерот за транспорт, Александар Николоски, оствари официјална работна посета на Подгорица, каде што се сретна со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, вицепремиерот за европски и надворешни работи Филип Ивановиќ и министерот за транспорт Радош Зечевиќ. Главни теми на разговорите беа унапредувањето на регионалното поврзување, транспортот и економската соработка меѓу двете пријателски земји.
Како еден од клучните резултати од средбите е најавено скорешното потпишување договор за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Подгорица, со што дополнително ќе се олесни патувањето, ќе се поттикне развојот на туризмот и ќе се интензивираат бизнис-релациите.
Покрај авионската линија, на средбите стана збор и за патното и логистичкото поврзување. Со започнатата изградба на автопатот Скопје-Блаце, Македонија отвора пристап кон трето стратешко пристаниште во регионот - пристаништето Бар во Црна Гора, дополнително на постојните коридори кон Солун и Драч.
Двете делегации договорија и заеднички настап пред европските финансиски институции и фондови за обезбедување средства наменети за имплементација на интелигентни транспортни системи и подобрување на регионалните коридори.

