Пристигна првата испорака од 3.300 нови контејнери за Град Скопје

Пристигна првата испорака од 3.300 нови контејнери за Град Скопје

Во Скопје пристигна првата испорака од вкупно 3.300 нови контејнери за одлагање комунален отпад, што претставува најголема набавка од ваков тип во историјата на главниот град. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информираше дека нивното распоредување на терен низ скопските населби започнува веднаш, со цел целосна замена на дотраените и оштетени садови за смет.

Новата опрема треба да овозможи поголем капацитет за одлагање на отпадот, а од следната недела во функција ќе бидат пуштени и нови камиони за собирање смет, со што ќе се создадат услови за поефикасно и поредовно одржување на хигиената низ градот.

Новите контејнери се набавени по двојно пониска цена во споредба со претходните набавки, односно со значајна заштеда на јавните средства. Покрај стандардните садови за комунален смет, обезбедени се и 60 специјализирани контејнери за примарна селекција на стакло, што треба да придонесе кон подобрување на процесот на рециклирање.

Градоначалникот Ѓорѓиевски упати апел до сите граѓани за одговорно однесување и чување на новата опрема. Тој нагласи дека во контејнерите и околу нив не смее да се одлага градежен шут и кабаст отпад бидејќи така се оштетуваат садовите и се создаваат диви депонии, за што е најавена нулта толеранција.