Според последните податоци на Државниот завод за статистика, во септември се издадени вкупно 253 одобренија за градење, што претставува намалување од 19,4 проценти во споредба со истиот месец од претходната година. Предвидената вредност на објектите според издадените одобренија изнесува околу 73,62 милиони евра, што претставува пад од 36,4 проценти во однос на септември лани.
Од вкупниот број издадени градежни дозволи, 166 одобренија или 65,6 проценти се наменети за објекти од високоградба, 61 односно 24,1 процент се за реконструкции, додека 26 одобренија или 10,3 проценти се за објекти од нискоградба. Во однос на структурата на инвеститорите, физичките лица се јавуваат како инвеститори кај 163 објекти односно во 64,4 проценти од случаите, додека деловните субјекти се инвеститори на 90 објекти што изнесува 35,6 проценти.
Предвидена е изградба на вкупно 919 станови, со вкупна корисна површина од 67.878 квадратни метри. Гледано по региони, најголем дел од одобренијата за градење се издадени во Скопскиот Регион, каде што се регистрирани вкупно 73 одобренија.

