Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека е голем оптимист за разрешувањето на состојбата со „Алта банка“ АД Битола и дека банката нема да отиде во стечај. Одговарајќи на новинарски прашања за барањата на опозициската СДСМ за отворање истрага од Обвинителството во врска со добивањето на лиценцата од страна на српскиот бизнисмен Давор Мацура, премиерот посочи дека банката ќе биде преземена од нова финансиска институција.
Според Мицкоски, преземањето на банката од нов сопственик е од клучно значење за заштита на доверителите и клиентите на банката, со што ќе се избегнат негативните сценарија за нејзин банкрот.
Во однос на опозициските барања за обвинителска истрага, премиерот истакна дека поддржува Обвинителството да го испита случајот. Тој ги отфрли обвинувањата од СДСМ како „политичка естрада“, појаснувајќи дека бизнисменот Мацура ги исполнил сите законски услови и регулаторни критериуми за влез на македонскиот пазар, истакнувајќи дека истиот претходно добил дозволи за деловни активности и од австрискиот регулатор кај „Адико банка“, како и соработка со „Рајфајзен банка“.
Мицкоски додаде дека Владата се залага за слободни пазарни односи и дека неоснованите напади врз странските инвеститори може да наштетат на билатералните економски односи и на пласманот на македонските компании на странските пазари. Тој повтори дека случајот со „Алта банка“ е увезен и изрази уверување дека процесот ќе заврши со успешно спасување на институцијата.

