Од денеска, во функција се ставени шалтерите на „АЛТА банка“ АД Битола во Тетово и Струмица, со што се проширува мрежата на достапни пунктови покрај експозитурата во Битола, која започна со работа на 6 ноември. На овие шалтери граѓаните кои сè уште немаат платежни картички можат директно да подигнат готовина во износ до 20.000 денари.
Според информациите од институциите, процесот на исплата во сите три града се одвива тековно и според утврдениот распоред. Во струмичката експозитура на самиот почеток од работниот ден бележеше краткотрајно доцнење кое настана поради техничко-логистичка организација, но процесите брзо се стабилизираа и исплатата продолжува според предвидената динамика. Исплатите на средствата ќе продолжат и во текот на наредните денови со цел целосно опслужување на клиентите.
Во насока на олеснување на финансиските трансакции за клиентите, од оваа недела стапува на сила и одлуката за зголемување на неделниот лимит за подигање готовина на банкоматите, како и за плаќања на продажните места со платежните картички издадени од банката. Лимитот е зголемен од претходните 10.000 на 15.000 денари.
Народната банка на Република Северна Македонија нагласува дека континуирано ја следи целокупната состојба со банката и презема соодветни мерки и активности согласно развојот на настаните. Основен приоритет останува заштитата на интересите на депонентите и обезбедувањето стабилно и уредно функционирање на банкарскиот систем.

