Општина Аеродром преку општинскиот Инспекторат започна со интензивирани активности за отстранување на хаварисаните, отпадните и нерегистрираните возила од јавните површини и паркинзи. Акцијата се спроведува по претходно издадени известувања до сопствениците и спроведени законски постапки за воспоставување комунален ред на целата територија на општината.
Возилата што зафаќаат јавни површини се подигаат со шлеп-служба и се транспортираат до општинското депо, со што се ослободуваат дополнителни паркинг-места за жителите на општината.
Инспекциските активности не се ограничуваат само на патничките автомобили, туку опфаќаат и возила што не се регистрирани повеќе од три години, како и камп-приколки и чамци оставени на јавните паркинг-простори. За сите утврдени неправилности следува принудно отстранување и изрекување соодветни санкции согласно законските прописи.
Од Општина Аеродром испратија апел до сопствениците навремено и самостојно да ги отстранат своите возила и предмети што подолг период ги узурпираат јавните површини. Инспекциските контроли ќе продолжат да се спроведуваат во сите населби во составот на општината.

