Рекорден раст во авиосообраќајот: Македонските аеродроми со околу 2 милиони патници во првата половина од годината

Рекорден раст во авиосообраќајот: Македонските аеродроми со околу 2 милиони патници во првата половина од годината

Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид бележат историски рекорди во првите шест месеци од 2026 година. Според официјалните податоци на ТАВ Македонија, во периодот јануари–јуни низ двата аеродрома поминале над 1,9 милиони патници, што претставува силен двоцифрен раст од 28% на бројот на патници во споредба со истиот период лани.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, истакна дека ваквиот резултат е потврда за силниот развој и зголемената побарувачка за авионски патувања, што се должи на успешната соработка со авиокомпаниите и континуираните инвестиции во инфраструктурата и услугите.

Овие одлични резултати ги коментираше и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој потенцираше дека бројката веќе се заокружува на два милиони патници за само половина година. Тој направи компарација дека кога била избрана оваа Влада, бројката од два милиони патници се достигнувала на годишно ниво, а со сегашното темпо Македонија е лидер по раст во регионот.

Николоски потсети дека минатата година за првпат беше надминат прагот од 3 милиони патници, а со воведувањето на 28-те нови дестинации, очекувањата се дека годинава ќе се постави нов рекорд од 3,5 милиони, со амбиција набрзо да се достигне и границата од 4 милиони патници. Министерот додаде дека македонските аеродроми покажале стабилност и за време на глобалните кризи, при што скопскиот аеродром успешно се позиционирал на регионалниот пазар снабдувајќи со керозин и други околни аеродроми, како тие во Приштина и Ниш.

Асоцијација (08 јули 2026)