Народна банка: Поевтини електронски плаќања за граѓаните и компаниите

Народна банка: Поевтини електронски плаќања за граѓаните и компаниите

Иницијативата на Народната банка на Република Македонија за намалување на надоместоците за електронските плаќања дава конкретни резултати. По интензивната комуникација со банките и по намалувањето на трошоците за користење на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), банките ги ревидираа своите тарифници, со што значително се намалија надоместоците за платежни услуги.

Според Народната банка, сите банки веќе усвоија нови тарифници, а промените се однесуваат и на граѓаните и на компаниите.

За граѓаните, надоместоците за електронските плаќања извршени преку МИПС се намалени во просек за околу 50%, додека интерните плаќања, односно оние што се извршуваат во рамките на иста банка, во најголем дел од банките станаа бесплатни.

За компаниите, надоместоците за електронските плаќања во МИПС се поевтини во просек за околу 30%, додека електронските интерни плаќања се намалени за околу 55%.

Дополнително, банките се префрлаат на поевтини, фиксни надоместоци по трансакција, што значи дека цената на услугата ќе биде однапред позната и нема да зависи од висината на сумата која се плаќа.

Дел од банките веќе ги применуваат новите, намалени цени, додека останатите планираат да почнат со нивна примена најдоцна до октомври оваа година.

Оваа мерка е дел од пошироката визија на Народната банка за дигитализација и модернизација на платниот систем. Целта е да се поттикне користењето на електронските плаќања, да се зајакне довербата во финансискиот сектор и да се придонесе кон општествено одговорно работење на банките.

Народна банка: Поевтини електронски плаќања за граѓаните и компаниите