Бројот на издадени одобренија за градење во јули е намален за 8,5 проценти

Бројот на издадени одобренија за градење во јули е намален за 8,5 проценти
Сподели:

Во јули се издадени вкупно 367 одобренија за градење, што претставува намалување од 8,5 проценти во споредба со истиот месец од претходната година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Предвидената вредност на објектите според издадените одобренија изнесува околу 130 милиони евра, што е за 74,8 проценти помалку во споредба со јули минатата година. Од ДЗС појаснуваат дека ваквиот пад на вредноста се должи на високата споредбена основа од минатата година, кога во истиот период беше издадено одобрение за градба на голем ветерен парк за производство на електрична енергија во општините Штип, Радовиш и Карбинци.

Структурата на издадените дозволи покажува дека најголем дел, односно 227 одобренија (61,9 проценти), се наменети за објекти од високоградба. За реконструкција се издадени 101 одобрение (27,5 проценти), додека за нискоградба се наменети 39 дозволи (10,6 проценти). Регионално гледано, најголем број одобренија за градење се издадени во Скопскиот Регион, каде што се евидентирани 109 дозволи.

Како инвеститори на објектите во 209 случаи (56,9 проценти) се јавуваат физички лица, додека деловните субјекти се инвеститори на 158 објекти (43,1 процент). Со издадените дозволи во јули е предвидена изградба на вкупно 1.248 станови, со вкупна корисна површина од 100.440 квадратни метри.