Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека започнаа активните ревитализации и реконструкции на познатите градски цвеќарници кои со години беа оставени во запуштена состојба. Со оваа иницијатива, Град Скопје ги враќа во функција култните места кои со децении претставуваа значаен дел од урбаното секојдневие на скопјани.
Реконструкцијата ги опфаќа цвеќарницата „Роза“ на булеварот „Илинден“, наспроти фонтаната „Лотос“, како и градската цвеќарница лоцирана во близина на Министерството за економија.
Активностите на терен предвидуваат целосна санација и уредување на овие објекти, со цел повторно да прераснат во уредни и пријатни катчиња за сите граѓани. Од Градот нагласуваат дека цвеќето и сите пропратни услуги во овие градски цвеќарници ќе се нудат по максимално пристапни и фер цени.
Со реализацијата на овој проект, Град Скопје продолжува да ги обновува традиционалните градски симболи, давајќи им нова вредност на просторите со големо значење за генерации скопјани.

