Музеј на праисторијата и Музеј на османлиското наследство: Скопското Кале добива нови музејски содржини

Музеј на праисторијата и Музеј на османлиското наследство: Скопското Кале добива нови музејски содржини

Претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, изврши увид во завршните градежни активности на објектите на Скопското Кале, кои во иднина официјално ќе прераснат во Музеј на праисторијата и Музеј на османлиското наследство. Проектот се реализира во рамките на подготовките и програмата за Скопје - Европска престолнина на културата 2028 година.

За време на посетата, директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, ги презентираше објектите и текот на градежните работи што институцијата ги спроведуваше во изминатата година и половина, додека директорката на Националниот археолошки музеј, м-р Магдалена Манаскова, ги претстави концепциите за идните постојани музејски поставки.

Поставките во новите музеи ќе бидат збогатени со оригинални археолошки предмети, стручна документација, како и современи дигитални алатки и интерактивни содржини. Досега се комплетирани музејските концепции, креиран е препознатлив визуелен идентитет и веќе се набавени таблети и уреди за виртуелна реалност кои ќе им овозможат на посетителите интерактивно запознавање со животот во праисториските и османлиските населби на Калето.

Во наредниот период следува детална разработка и поставување на изложбените содржини, со што граѓаните и домашните и странски посетители ќе добијат можност да го истражуваат богатото културно-историско наследство директно на местото каде што е откриено.