Заврши конзервацијата на фрескоживописот во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново

Заврши конзервацијата на фрескоживописот во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново

Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, и министерката за култура на Грција, Лина Мендони, ја посетија црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, каде што извршија увид во успешно завршените конзерваторски активности на непроценливиот фрескоживопис од XII век.

Посетата претставува потврда за успешната меѓународна соработка во областа на заштитата на културното наследство, реализирана преку заеднички ангажман на македонските и грчките стручни институции.

Процесот на конзервација е реализиран со стручна поддршка од експерти од Грција, ангажирани врз основа на Меморандумот за соработка со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици, во непосредна соработка со стручниот тим на Националната установа Завод и музеј - Битола, предводен од директорката Маргарета Спасов.

Црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново претставува еден од најзначајните споменици на византиската уметност во Преспанскиот Регион и пошироко. Успешната конзервација на нејзиниот фрескоживопис нуди модел за размена на искуства и знаења, истовремено отворајќи нови можности за промоција на културниот туризам во регионот.