Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изминатата недела спроведе интензивни контроли на терен, при што е извршена голема акција за заплена и уништување на огромни количини небезбедна храна.
При спроведена вонредна контрола кај еден оператор со храна, инспекциските служби на АХВ заплениле и нештетно уништиле приближно 37 тони храна, вклучувајќи јаткасти плодови, зрнести и мешункасти производи, како и разни зачини, кои биле без соодветни декларации.
Како што информира АХВ, рокот на употреба на дел од производите бил истечен од една до две години. Поради овој сериозен прекршок, на операторот му е изречена мерка времена забрана за работа и парична глоба, како и наредба за отстранување на сите утврдени недоследности.
АХВ неделава продолжи со засилени вонредни контроли и кај други оператори со храна, вклучувајќи месарници, ресторани, сендвичарници и маркети. Во овие контроли, инспекторите утврдиле повеќе недоследности, меѓу кои нерегистрирани оператори со храна, неспроведени задолжителни обуки на вработените за безбедност на храната и пуштање во промет на небезбедна храна.
Поради овие прекршоци, на одговорните лица и на операторите им биле изречени парични казни, времени забрани за вршење на дејност, како и наредби за отстранување на недостатоците. Целата затекната небезбедна храна веднаш била нештетно уништена.
АХВ со ова ја нагласува својата заложба за заштита на здравјето на потрошувачите и најавува дека ваквите засилени контроли ќе продолжат.