Градежните активности за изградба на новиот Био Пазар во Кавадарци се одвиваат со засилено темпо и проектот влегува во својата финална фаза од реализацијата, информираше градоначалникот Митко Јанчев.
За спроведување на овој капитален проект, Општина Кавадарци издвои финансиски средства во износ од околу 430.894 евра плус ДДВ.
Со комплетирањето на градежните работи, градот ќе добие современ и сертифициран простор што им овозможува подобри услови на локалните земјоделци и органските производители за пласман на нивните производи.
Новиот Био Пазар е наменет за директна продажба на производи од страна на локалните земјоделски производители и малите семејни бизниси. Преку овозможување директен пласман без посредници, проектот има за цел да обезбеди подобри ценовни услови за потрошувачите и поголема економска исплатливост за производителите.
Од Општина Кавадарци истакнуваат дека оваа инвестиција претставува директна поддршка за развој на одржлива локална економија, поттикнување на домашното органско производство и обезбедување квалитетни прехранбени производи за граѓаните.

