Фармацевтската компанија „Алкалоид“ АД Скопје ја заокружи 2025 година со одлични деловни резултати, остварувајќи рекордни консолидирани продажби во износ од 339,3 милиони евра.
Ова претставува зголемување од 10% во споредба со претходната година, додека кај единечните продажби растот изнесува 3%. Компанијата продолжува цврсто да се позиционира на меѓународните пазари, каде што се остварени дури 65% од вкупните продажби, додека преостанатите 35% се реализирани на домашниот пазар.
Извозот на компанијата достигна вредност од 221,6 милиони евра, при што продажбите во Шведска и Австрија се зголемени за четири пати, додека во Холандија бележат трикратен раст. Значаен напредок од два пати е остварен и во Јужна Африка и Казахстан. Високи стапки на раст се забележани и во Финска (53%), Ирска (35%), Португалија (32%), Грција (23%), Ерменија (22%), Полска (18%) и Германија (14%). На домашниот пазар, компанијата оствари раст од 20%, потврдувајќи ја својата улога како клучен партнер на јавното здравство.
Успешното работење се рефлектира и преку финансиските показатели, па така консолидираната нето-добивка бележи раст од 7% и надмина 29 милиони евра, додека оперативната добивка пред камати, даноци и амортизација (EBITDA) порасна за 20% и надмина 32 милиони евра.
Годината ја обележаа и интензивни инвестициски активности во износ од 18 милиони евра. Покрај проширувањето на производствените погони, во 2025 година беше пуштена во употреба и нова микробиолошка лабораторија за контрола на квалитет, опремена по највисоки стандарди.
Паралелно со технолошкиот развој, компанијата инвестираше и во својот кадар, реализирајќи 54 нови вработувања во земјава, со што вкупната бројка на вработени во групацијата достигна 3.018 лица.






